Клоп: Салах не е луд да сака да си замине од Ливерпул

Јирген Клоп експресно ги олади шпекулациите дека Мохамед Салах се подготвува за заминување од Ливерпул истакнувајќи дека египетскиот ас е среќен на „Енфилд“. Интервјуто на Салах за шпанскиот весник „Ас“, во кое „фараонот“ не ја отфрли можноста за трансфер во Реал Мадрид или во Барселона, предизвика бурни реакции во јавноста, но за Клоп нема дилема дека Салах ќе остане дел од клубот и во иднина.

Тој и сезонава е најдобар стрелец на Ливерпул со 13 гола и три асистенции во Премиер-лигата, надополнети со три гола и една асистенција во Лигата на Шампионите. Салах е под договор со Ливерпул до 2023 година, но не се отфрла можноста во текот на сезонава тој да потпише нов договор со уште поголема плата.

„Салах не е луд да сака да си замине од Ливерпул. Игра во одличен тим, постигнува голови, почитуван е овде. Знам што се пишуваше, но не верувам во тоа. Го гледам секој ден на тренинг, насмеан и расположен, во одличен однос со соиграчите. Мо се наоѓа во одлична форма, тоа е најважно за мене. Никогаш не говориме за преговорите и договорите со фудбалерите додека нема нешто официјално, но не гледам зошто Салах би си заминал одовде. Освен, можеби поради тмурното време“, се пошегува за крај Јирген Клоп.

Се вчитува...