Клоп: Штета за црвениот картон, сакав да играме 11 на 11, па да победи подобриот

Јирген Клоп не крие дека жали што Ливерпул не успеа да стигне до цел плен на вчерашното дерби против Челси што заврши без победник, 1-1.

„Црвените“ одиграа добар меч, создадоа повеќе шанси, но не успеаја да ја крунисаат иницијативата со победа, но Клоп генерално гледано е задоволен од изданието на својот тим.

„Ми се допадна натпреварот. Пред неколку години, го победивме Челси во меч во кој Мо Салах даде еврогол од ситуација што воопшто не беше шанса. Денеска имавме многу посериозни шанси во првото полувреме, но не успеавме да дадеме гол. Сепак, генерално гледано одигравме добар меч против Челси, кој со години наназад немал волку моќен тим. Една раобта треба да е јасно, само затоа што имавме играч повеќе во второто полувреме тоа не значи дека требаше лесно да победиме, особено кога се има еден толку моќен дефанзивен тим како Челси“, изјави Клоп.

Германецот се осврна и на спорната ситуација пред самиот крај на полувреето, кога беше досуден пенал за Ливерпул и црвен картон за Рис Џејмс.

„Никогаш не ми се допаѓала таа казна, црвен картон за таква итуација. Ако некој ме слушаше она што го говорев со години наназад, вакви работи ќе немаше, така што сега немам што повеќе да кажам. Според мене, беше престрого да се покаже црвен картон. Дали го расипа дербито? Да, најверојатно, бидејќи целосно го смени текот на играта. Ми се допадна нашата игра во првото полувреме, кога му создадовме многу проблеми на Челси. Повеќе ќе сакав да останеме 11 на 11 на теренот, па да се види кој е подобар“, прокоментира менаџерот на Ливерпул.

Се вчитува...