Клоп собира пари за да го купи Адама Траоре

Ливерпул не успеа да го ангажира Тимо Вернер, но Јирген Клоп има „план Б“, ангажман на брзоногиот Адама Траоре од редовите на Вулверхемптон. Германскиот стратег уште во текот на сезоната во неколку наврати упатуваше комплименти на адреса на крилниот офанзивец на „волците“, а летово е подготвен да тргне во офанзива за ангажман на овој фудбалер.

Единствен проблем му е што поради неизвесноста околу коронавирусот Клоп нема точна информација колку пари ќе добие од управата за трошење летово, поради што менаџерот на Ливерпул ќе мора да продаде неколку фудбалери за да собере пари за ангажман на Траоре, кој би требало да биде достапен за 50 милиони фунти.

Џердан Шакири е првиот што ќе го напушти „Енфилд“, а заедно со него се најавува и заминувањето на Дејан Ловрен, два трансфери од кои Ливерпул очекува заработка од најмалку 25 милиони фунти. Остатокот од парите се очекува да биде обезбеден од продажбите на Марко Грујиќ и на Хари Вилсон, двајца фудбалери кои имаа успешни позајмици во Херта и Борнмут, но Клоп не смета сериозно на нив и ќе им дозволи летово целосно да си заминат од „Енфилд“.

Се вчитува...