Клоп во елемент: Ех, да можеше Џерард да заигра за Астон Вила…

Ливерпул ќе очекува џиновска услуга од Астон Вила, која треба да остане непоразена на гостувањето против Манчестер Сити за „црвените“ да стигнат до титулата во последното коло од Премиер-лигата.

Клубот од Бирмингем би заработил 15милиони фунти доколку Сити биде шампион, како дел од договорот за трансферот на Џек Грилиш од минатото лето, но надеж за Ливерпул е фактот дека на клупата на Астон Вила седи Стивен Џерард, клупската легенда на „црвените“.

„Немам потреба да му звонам на Стивен Џерард, знам дека тој ќе биде максимално сериозен во пристапот и без да му се јавам. Да сум јас во прашање, тоа би бил мотив плус на мечот, но јас нема да играм на теренот. Уште поголема штета е што Стивен Џерард нема да може да заигра за Астон Вила, тој на теренот, тоа би била сосема поинаква ситуација и мотивација“, прокоментира Клоп на денешната прес-конференција.

Ливерпул во секој случај ќе мора да слави на својот последен меч, на домашен терен со Вулверхемптон, а Клоп потврди дека ни за овој дуел нема да ги ризикува Салах, Фабињо, Ван Дајк и Гомез, кои би требало да бидат „фит“ за финалето од Лигата на Шампионите, закажано за 28 мај во Париз против Реал Мадрид.

Се вчитува...