Клубовите бесни: Пеце ќе падне, собираме потписи за Вонредно Собрание

Претставниците на клубовите и на Здруженијата кои беа подготвени да гласаат за смена на Петар Наумоски нема лесно да се предадат, иако се свесни дека првата рунда со актуелниот претседател е загубена. Наумоски ги шокираше сите со својот однос и одлуката воопшто да не го доврши Собранието, на кое покрај точката за негова смена требаше да биде дискутирано и за уште неколку значајни теми, меѓу нив и финансиското работење на федерацијата.

Ситуацијата е далеку од нормална, претседател да стане среде собрание. Како и да е, тој само ги покажува своите човечки и лидерски (не)квалитети. Нашата битка продолжува, ќе собереме потписи за Вонредно Собрание што потоа тој ќе биде принуден да го одржи“ – коментираат од клубовите кои беа иницијатори за смена на Наумоски.

Актуелниот претседател со ваквиот потег си „купи“ најмалку уште дваесетина дена на чело на федерацијата, но и уште повеќе го навлече бесот на кошаркарската јавност. Дека ќе се соберат потписи за негова смена е повеќе од јасно, но Наумоски потоа ќе води борба за придобивање на дел од оние кои се против него, најчесто преку здруженијата кои ќе се обиде да ги стави под своја контрола.

Едно е јасно, фарсата во македонската кошарка што трае две и пол години ќе продолжи. Уште колку? Дур  „султанот“ не се помири со поразот, што е неизбежен…

Се вчитува...