Кочов: Не е срамота да загубиш од подобар, немаме време за тагување…

Шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, има причина за разочараност по третиот пораз во низа на македонскиот претставник и загубеното финале во АБА2 лигата од Приморска. Противникот реално беше подобар во текот на целата серија и заслужено се пласираше во елитното друштво, иако МЗТ вечерва се покажа во далеку подобро светло од првите две средби.

„После оние два тешки нокаути во Словенија во кои игравме надвор од систем, денеска можам да бидам задоволен од реакцијата на играчите. Испочитувавме се во одбраната, го спуштивме противникот под 70 поени, но немавме добра реализација. Немаме време за жалење, се вртиме кон дуелите со Задар, како и кон Супер-лигата и битката за трофеи во македонското првенство. Згора на тоа, не загубивме од послаб ривал од нас, Приморска е одличен состав со поголем буџет од нас и затоа можеме само да им честитаме за овој успех“ – истакна Кочов.

На ред се пресметките со Задар кои ќе го дадат последниот учесник во АБА1 лигата за наредната сезона.

„Задар е цврста екипа, шутерски не толку добра како Приморска, но има многу искусни играчи, цврсти кошаркари како Жориќ, Дашиќ, Крајина… тука е и Лука Божиќ. Знаеме дека е тоа е сериозна екипа, но далеку од тоа дека ние ќе се предадеме. Се надевам дека нема да играме како во Приморска, барем да играме наш систем, да дадеме се од себе, па да се бориме за победата“ – прокоментира стратегот на МЗТ.

Се вчитува...