Кошаркарите на МЗТ Скопје влегуваат во завршна фаза од подготовките за бараж-натпреварот со Задар, меч на кој победа ќе значи и печат на враќањето на македонскиот тим во елитното друштво на АБА-лигата. Победата во Задар широко ги отвори вратите за такво нешто, но тренерот Ѓорѓи Кочов ги предупредува своите кошаркари да не го потценат противникот.
„Ова е исклучително важен натпревар, како за нашиот клуб, така и за целокупната македонска кошарка. Свесни сме дека Задар е силна и искусна екипа, која без разлика на се мора и тоа како да се респектира. Првиот меч мора да го заборавиме и не смееме да размислуваме премногу што ни носи триумфот на овој дуел, туку мора да се фокусираме да одиграме со уште поголема енергија и ангажираност. Противникот сезонава игра подобро на гости, факт кој никако не смееме да го занемариме. Се надевам дека со помош на домашната публика моите играчи ќе одиграат и над моментните можности, за да може на крајот сите заеднички да славиме“ – истакна Кочов.
Вториот натпревар од баражот меѓу МЗТ Скопје и Задар се игра утре со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА