Кочов: Салата во Задар ни беше инспирација, заслужено победивме

МЗТ Скопје експресно го остави зад себе разочарувачкиот пораз во Купот на Македонија од Работнички, триумфирајќи на еден од најважните натпревари сезонава – првиот бараж дуел за влез во АБА1 против екипата на Задар. Фантастичното прво полувреме го трасираше патот на МЗТ до големата победа, а тренерот Ѓорѓи Кочов имаше причина за задоволство по изданието на својот тим.

„Одигравме добар натпревар, мислам дека бевме поквалитетен противник од Задар и дека заслужено победивме. Играме во неверојатен НБА-ритам, немавме многу време да се подготвиме за Задар, но играчите испочитуваа се што се договоривме и затоа заслужуваат честитки. Ние сме шутерска екипа, денеска во првото полувреме шутот функционираше беспрекорно. Можеби традицијата и историјата на оваа сала во Задар ни беше инспирација. Во финишот непотребно влеговме во нервоза и му дозволивме на противникот да се врати, вакво нешто не е прв пат да ни се случува сезонава. Како и да е, заслужено триумфиравме, а сега ни останува на вториот меч во Скопје да стигнеме до нова победа и да си ја оствариме големата желба – веднаш да се вратиме во АБА1 лигата“ – истакна Кочов.

Вториот натпревар од овој бараж дуел ќе се игра на 23 април со почеток во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...