Кога не сака од игра, може од пенал: Македонија ремизираше со Финска (ВИДЕО)

Македонија и Финска одиграа интересен натпревар во Скопје, кој заврши без победник, иако двете селекции се изнапромашуваа. Момците на Благоја Милевски немаа решение за контрите на Финска, а, пак, Македонија покажа дека реализацијата не е поправена, и покрај „кам-бекот“ на Илија Несторовски. Токму Несторовски во првиот дел и на почетокот од вториот имаше барем пет одлични шанси, но Јоронен го доби дуелот со „шпицот“ на Македонија. Така после водството на Финска по првиот дел од контра, Македонија во вториот израмни од белата точка. Но, проблемите во нападот останаа, како и проблемите во дефанзивата, кои беа видливи и на последните мечеви во Лигата на Нации.

Ако треба во една реченица да се опише првиот дел, таа е: поседот за Македонија, а водството за Финска. Залудно беа трите „зицери“ за Несторовски кога не го најдовме патот кон голот, а Финска исто така имаше три сериозни шанси, од кои еднаш ја погоди мрежата, а еднаш и стативата. Еднаш се посрамотија откако не реализираа во празен гол.

Првата шанса ја имаше Несторовски кој од десетина метри шутираше, но Јоронен одбрани. Во 23. минута Сухонен ја погоди стативата. Неверојатно е што промаши Лод кој што беше сам после нафрлена топка од левата страна, но го префрли голот.

Во 37. минута шок за Македонија. Одлична акција, на средината на теренот Похјанпало во празно упати топка кон Антман кој што излезе сам пред голот, и „фино“ пласираше во голот на Македонија.

Финишот на првиот дел и припадна на Македонија, која не реализираше од три добри шанси. Најпрво Јоронен доби уште еден дуел со Несторовски, а потоа и Елмас откако се „прошета“ во шеснасетникот на гостите, но не успеа да упати удар и бараше пенал.

Последната прилика за Несторовски кој од само 5-6 метри шутираше, но одново Јоронен излезе како победник за предност по првиот дел.

Две замени на полувремето „сервираше“ Благоја Милевски, и смена на формација со четворица позади. Дориев и Миовски влегоа, на местото на Бејтулаи и на Спировски.

А, почетокот наликуваше на „копија“ од првиот дел. Топката за Македонија, шансите, но одново Јоронен одличен на голот. Во рок од две минути два обиди на Барди, но двапати финскиот голман беше на висината на задачата. Во 49. минута првиот обид на Барди од слободен удар од лево, но Јоронен почна одново да ги фрустрира македонските фудбалери. Две минути подоцна уште еден слободен удар, од уште подобра позиција од 22-23 метри, Барди итро под живиот ѕид, но одново Јоронен се издолжи и одбрани.

Нападите на Македонија продолжија, се играше „Викторија“ пред голот на Финска, а продорот на Дориев по левата страна во 55. минута не даде плод, и Јоронен одбрани. Во истата минута противнапад на Финците, и обид со глава на Антман, но само над голот. Нов противнапад во 56. минута и нов обид на Антман кој го брани Димитриевски. Финска чекаше противнапади и беше опасна од противнапади.

Измените продолжија, влегоа во игра и Велковски, Етеми, Атанасов, но проблемите продолжија. Протинападите на Финска и шансите од еден потег и натаму беа присутни. Така Похјанпало излезе сам пред Димитриевски, но голманот на Македонија спаси водство на Финците, кое веројатно ќе ги донесе блиску до победа уште во 60. минута.

Немаше решение Македонија за контрите на Финска, па нов зицер и одново од противнапад. Сосиало излезе сам пред голот, но шутираше непрецизно, и одново среќа за нашата селекција.

Се играше мирно до 74. минута кога една долга топка од Велковски до Алиоски, кој влезе во шеснасетникот, и беше фаулиран од Сосиало, по што судијата Симовиќ покажа на белата точка. Барди ја презеде одговорноста да го изведе ударот. Барди прецизен во долниот лев агол, иако Јоронен прочита, сепак, шутот беше многу силен да одбрани.

Во вистинско време гол, со оглед дека селекторот Канерва ја „затвори“ селекцијата со пет одбранбени играчи. Заспаноста во одбраната на Македонија можеше да не чини и втор гол, откако Томас со глава ја погоди стативата. Сите само немо гледаа во таа 84. минута, но за среќа стативата одново беше сојузник на Македонија, што беше и последната прилика на мечот.

Се вчитува...