Кој беше Мино Раиола: Го нарече Гвардиола „џукела“, ја купи куќата на Ал Капоне, а слабост му беше – Златан Ибрахимовиќ

Светот на фудбалот денеска остана посиромашен за Мино Раиола, суперагентот кој за клиенти ги имаше Ибрахимовиќ, Де Лихт, Погба, Халанд… и кој за жал ја загуби животната битка што со денови ја водеше во клиниката во Милано.

Мино Раиола по својата автобиографија не делува предодреден за работа во фудбалот, единствен ангажман му бил како тренер на младинската екипа на холандски Харлем, но брзо увидел дека нема да може да успее како тренер па решава да заплови во менаџерски води. Како тинејџер работи во ресторанот на неговиот татко во Амстердам, каде се запознава и со Златан Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот му беше прв врвен клиент на Мино, па двајцата покрај професионалните врски останаа и блиски пријатели, а Златан во текот на вчерашниот ден неколку пати доаѓаше во болницата во Милано за да го посети Раиола.

„Се сеќавам кога првпат се сретнавме, беше тоа во хотел во Амстердам. Јас дојдов во своето порше, целиот налицкан, а тој се појави со широки панталони и хавајка, па во ресторанот нарача седум порции суши, што самиот ги изеде. Си мислев каков човек е овој, но веднаш ме освои со искреноста, на сред состанокот извади листови и ме спореди со Виери, Трезеге и Инзаги, кои имаа по 20+ голови, а јас само пет во Ајакс. Отворено ми кажа, па како да те продадам со вакви бројки, а јас не се навредив, напротив, секогаш ме тераше да бидам уште подобар“, ја коментираше Ибрахимовиќ својата прва средба со супер-агентот.

Раиола направи богатство од мега-трансферите на своите фудбалери, само од преселбата на Погба од Јувентус во Манчестер Јунајтед инкасираше 25 милиони евра, од кои девет милиони евра потроши за да ја купи куќата на Ал Капоне во Мајами.

Ќе остане запаметена и неговата караница со Пеп Гвардиола, по што Раила жестоко го навреди трофејниот стратег.

„Гвардиола како тренер можеби е фантастичен, но како човек е апсолутна нула. Тој е „џукела“, обична кукавица“, изјави пред неколку години Мино Раиола.

Последен мега-проект му беше заминувањето на Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, Раиола ги водеше преговорите со Барселона, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Баерн Минхен, но за жал не доживеа за да го комплетира и овој супер-трансфер на норвешката мегаѕвезда.

Се вчитува...