КОЈ Е НОВИОТ ВТОРОЛИГАШ: Трновитиот пат на Новаци, од тага до радост, кон Втората лига!

  • Откако загуби на пенали против Вардар од Неготино, ждрепката му донесе второлигашка радост на Новаци

Миодраг Мицковиќ

Колку малку е потребно во спортот тагата да ја замени големата радост и среќа која најдобро ја почуствуваа фудбалерите на Новаци, новите членови на единствената Втора лига на Македонија. Приказната е навистина ингтересна. Како првак на Третата лига – југозапад, во која убедливо го освои првото место, со ждрепка беше одредено Новаци да игра бараж натпревар во Кичево против Вардар од  Неготино, првак на Третата лига-југ за пласман во Втората лига. И токму на овој решавачки меч, се покажа колку фудбалската среќа може да биде немилосрдна кон некоја екипа. Новаци се до последната минута на овој натпревр водеше со 1-0, неговите фудбалери и навивачи почнаа да слават и кога судијата Јован Качевски од Струга се подготвуваше да отсвири крај, прими гол и мораше да се изведуваат пенали за да се добие новиот второлигаш. Ем ги напушти среќата во последните секунди од натпреварот, не ги „галеше„ и при рулет пеналите. Првите два удари од 11 метри неговите фудбалери Христијан Крклиски и Стефан Стефановски ги реализираа, но потоа дојде црната серија на промашувања. Последните три пенали не ги реализираа Владимир Недановски, Стефан Јовановски и Антонио Стојковски и Вардар од Неготино, со само еден промашен пенал се пласира во Втората лига.

Но сепак тоа не беше крај на надежите на Новаци по шест години одново да заиграат во Втората лига. Овојпат среќата обилно ја награди оваа екипа, бидејќи по ждрепката, за тоа кои два од трите поразени клуба во баражот, Новаци, Осогово или Велазерими, ќе бидат новите второлигаши, еден од нив беше и Новаци. Големата тага ја замени уште поголема радост за играчите и неговите симпатизери бидејќи ова село во непосредна близина на Битола има голема фудбалска традиција.

Но, пред да ги потсетиме читателите на ЕКИПА за тие поранешни фудбалски години, да ги спомнеме и другите играчи на Новаци, кои придонесоа да се освои првото место  во Третата лига-југозапад  кои играа и на бараж мечот со Вардар од Неготино. Покрај веќе спомнати изведувачи на пеналите играа уште: Николче Симоновски, Андреј Ристовски, Мартин Кузманов, Христијан Торневски, Иве Трифуновски, Христијан Ѓорѓиевски, Александа Јовановски, Михаил Котевски и Ице Марковски.

Тренер на Новаци е еден од најпознатите битолски фудбалери Горан Ставревски кој има 42 настапи  за репрезентацијата на Македонија. Порано играл за  Новаци, Пелистер, турскиот прволигаш Дијабекирспор и  Загреб, член на Првата лига на поранешна Југославија.

А ФК Новаци е формиран во далечната 1953 година, кој во период од 20 години, три години играше во Првата, цели 17 години, до 2017 во Втората лига на Македонија. Тоа беше времето кога клубот го водеше еден од најуспешните битолски тренери Кире Груевски.

Интересен е податокот дека пред последниот бараж за настап во Втората лига против Вардар од Неготино,  Новаци играше уште два пати бараж мечеви. Во 1991 година во Скопје против Бентос од Крива Палканка за пласман во Првата првата лига на која победил со 3-0 и одново втор бараж меч за Првата лига против Шкупи во Штип во сезоната  2016/17 година кога беше поразен со 3-1.

Се вчитува...