Кој е следен во егзодусот од Вардар: По Карачиќ следи Чупиќ?!

Вардар го преживеа ланскиот егзодус и заминувањето на тренерот надополнето со неколку клучни играчи, па „црвено-црните“ и сезонава се дел од самиот врв на европскиот ракомет. Сепак, загрижува фактот што историјата се повторува, па втора година по ред клучни играчи го обелоденуваат своето заминување од таборот на „црвено-црните“.

Прв нога повлече Рожерио Мораеш, играчот кој делуваше загубено во Кил, но во Вардар прерасна во еден од најдобрите пивоти во Лигата на шампионите. Бразилецот не покажа премногу сентименталност, па во ситуација не неизвесност во редовите на македонскиот првак веднаш реши да си замине, прифаќајќи ја понудата на Веспрем.

Даинис Криштошанс ги следеше неговите стапки, па летонскиот бек не размислуваше многу кога доби понуда од ПСЖ. Првично беше договорено да се пресели во новиот тим на Раул Гонзалес во јуни 2020, но последните информации велат дека Криштопанс веќе летово ќе си замине од Скопје.

Навивачите дефинитивно најмногу ќе жалат по Игор Карачиќ, за кого беше почната и петиција за останување која сепак не вроди со плод. Кјелце е новиот клуб на Хрватот, кој беше играч со најдолг стаж во клубот зад капитенот Стоилов, но управата сепак не успеа да му понуди доволно добри услови за да остане.

Кој е следен? Тоа е прашањето што се поставува во таборот на „вардарци“, каде се свесни дека егодусот дефинитино ќе продолжи и во преостанатите неколку месеци од сезонава. За очекување е по стапките на Карачиќ да тргне и неговиот сонародник Иван Чупиќ. Слично како бекот, така и десното крило неодамна го пофали Скопје како прекрасен град за живот, истакна дека би немал ништо против да остане овде до крајот на кариерата… но …

Но управата дефинитивно има поинакви замисли. Или подобро речено помали финансиски ресурси за да го задржи единствениот играч во историјата со две титули во серија од Ф4 турнирите во Келн. Чупиќ има понуда од Брест Мешков, постои и интерес од Бундес-лигата, па се очекува овој ракометар најдоцна до крајот на месецов да ја обелодени својата следна дестинација.

„Јавна тајна“ е дека сериозни понуди добива и Вуко Борозан, а веќе почнува тивко да се говори и за иднината на Дејан Милосављев. Србинот во неколку наврати изјавува дека е пресреќен во Скопје и сака да остане. Но така говореше и Карачиќ, па вчера потпиша за Кјелце.

Се вчитува...