ЕКИПА во Луцерн, Швајцарија
Владимир Булатовиќ
Малку кој може да го претпостави стартниот состав на македонската репрезентација на првиот прозорец од новата сезона во Лигата на нациите, ако се суди според досегашните три одиграни натпревари на кои селекторот Гоце Седлоски драматично го менуваше почетниот тим од натпревар на натпревар.
Факт е дека и во стручниот штаб, но и во јавноста, веќе е создаден впечатокот кои од репрезентативците кои добија шанса ја оправдаа довербата а кои не, па Седлоски и на вчерашната прес-конференцијата во Луцерн најави дека и на утрешниот дуел против Швајцарците повторно ќе има промени во играчките редови, и по четврти пат во само десет дена.
„Мора да се обидеме да одиграме поофанзивно кон напред, и играчите да дадат се од себе. Не дека ги критикувам играчите дека не даваат се од себе, но мора да се потрудиме повеќе. Ќе има и новитети во тимот, повторно ќе има нови играчи, ќе има свежи играчи затоа што мора да признаеме дека претешко е во само десет дена да се одиграат четири натпревари. Е, сега кој ќе игра и во каква формација ќе играме ќе видиме… Секако дека мора ние, почнувајќи од мене, да одговориме подобро од она досега покажано кога сме во репрезентацијата“ – истакна Седлоски.
Согласно најавите, се очекува позгуснат среден ред со враќање на Елиф Елмас во креативната средна линија место по крилните позиции, искусен дефанзивен ред, но и повеќе минути за оние фудбалери кои не добија шанса на претходниот натпревар против Шкотска кој беше, и тоа како, лошо одигран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
