Кој ќе игра во Европа? Се чека Комисијата за лиценцирање, одлуката следната недела…

По одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за прекин на сезоната во Првата лига без прогласување шампион, сега се очекува и конечната одлука кои клубови ќе играат во Европа следната сезона.

ФК Вардар, по последната одлука на УО на ФФМ, остана без можноста да стигне до својот 12-ти шампионски трофеј во историјата, но се поизвесно е дека ќе остане и без настап во квалификациите за Лигата на шампионите поради се уште постоечката неизвесност околу неопходната лиценца. Согласно пласманот на табелата до моментот на прекин Вардар се очекува да биде македонскиот претставник во Лигата на европските шампиони, но поради долгот од два милиони евра од страна на досегашниот сопственик Сергеј Самсоненко најтрофејниот македонски клуб најверојатно, доколку нешто не се промени во последен момент, нема да добие лиценца.

Од ФФМ истакнуваат дека одлуката кој ќе не претставува во Европа ќе биде донесена во текот на следната недела.

„Процесот на лиценцирање се уште е во тек, а потоа ќе бидат одредени екипи кои ќе не претставуваат во европските натпреварувања следната сезона“ – велат од ФФМ.

Согласно пласманот на табелата до моментот на прекин, Вардар треба да го претставува македонскиот фудбал во квалификациите од ЛШ, додека Силекс, Шкендија и Ренова во квалификациите од Лига Европа. Но, доколку Вардар не добие лиценца тогаш Силекс ќе игра во квалификациите за ЛШ, а Шкендија, Ренова и Македонија ЃП во квалификациите од Лигата на Европа.

Се вчитува...