Коку: Елмас е меѓу најголемите таленти што сум ги видел во животот

Филип Коку не престанува да упатува комплименти на адреса на Елиф Елмас, гледајќи го македонскиот репрезентативец како еден од клучните фудбалери на Фенербахче во новата сезона. Холандскиот стратег е најзаслужен што Елмас конечно доби шанса во турскиот гигант, му даде на нашиот млад ас да ги одигра сите 180 минути во двомечот од квалификациите за ЛШ против Бенфика, а Елмас му возврати со одлична игра.

Затоа, неслучајно во интервјуто за весникот „Милијет“ Коку ги издвои токму македонскиот интернационалец како пример за талент и потенијал.

„За секој фудбалер може да се каже дека поседува одреден талент, квалитет што го прави поразличен од останатите, а особено оние помладите кои треба да работат и да станат комплетни играчи. Сепак, кога станува збор за Елиф Елмас, слободно можам да кажам дека е еден од најголемите таленти што некогаш ги имам видено. Среќен сум што работам со него и нема сомнеж дека ако продолжи да се развива на ваков начин ќе биде еден од најдобрите фудбалери на Фенер“ – истакнува Коку.

Холанѓанецот откри и зошто во текот на предсезоната, па и на првите средби од почетокот на сезоната, многу често ја менуваше позицијата на Елмас.

„За млад играч е многу важно да се знае да се снајде насекаде, секогаш да може на свој начин да му помогне на тимот. Јас кога почнував бев лево крило, па потоа со Луис Енрике и Гвардиола бев поблизу до офанзивен играч за врска, па ме вратија на играч за дефанзива во средниот ред. Секогаш знаев да одговорам на задачите и сега истото го барам од Елиф. Тој треба да биде универзален играч бидејќи поседува талент за такво нешто, па затоа и настапува на различни позиции“ – објасни тренерот на Фенербахче.

Се вчитува...