Колашинац: Почнав со атлетика во Македонија и се надевам дека токму тука ќе обезбедам „виза“ за Токио

Македонија претстојниов викенд ќе биде организатор на Европскиот тимски шампионат – трета лига, на кој ќе учествува и репрезентацијата на Србија, која во Скопје доаѓа со силен тим. Капитенот на репрезентацијата, Асмир Колашинац, кој е поранешен освојувач на европското првенство во сала во фрлање ѓуле,  со доза на емоции се потсети на неговите атлетски почетоци кои ги имал токму во нашата земја.

„ Шампинатот за мене ќе биде навистина посебен. Јас сум роден во Македонија и моите почетоци ги имав токму тука. За жал со моето семејство моравме да се иселиме од Македонија, но ете гледате судбината повторно ме врати тука. Мојот татко беше повеќекратен државен шампион во фрлачките дисциплини. Многу нешта ме поврзуваат со Македонија“, изјави Колашинац. 

Тој е само на неколку центиметри од исполнување на норма за настап на ЛОИ во Токио следната година, а самиот тој се надева дека токму во Скопје ќе успее да го исполни тој резултат.

„Посебно сум возбуден, бидејќи сум само на неколку центиметри од олимписка норма за Токио 2020.  Како капитен сакам да го водам мојот тим до втората лига. На крај  сакам да ја повикам мојата фамилија која живее тука да дојде и да ме подржи да направам што е можно подобар резултат“, заврши Колашинац.

Покрај европската злато од првенството во сала во Гетеборг 2013 година, Колашинац има и бронза од Европското првенство на отворено во Хелсиники 2012.

Се вчитува...