Колинда зема неплатен одмор за да навива за Хрватска

Хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ приреди шоу при триумфот на нејзината земја над Русија во четвртфиналето од СП 2018, потоа поради службени обврски не можеше да го следи во живо полуфиналето, но сигурно ќе се најде на стадионот во Москва на големото финале што ќе се игра в недела.

„Сигурно сум таму, тоа е историски момент за мојата земја што немам намера да го пропуштам“ – коментира Грабар – Китаровиќ.

Воедно, од нејзиниот кабинет потенцираа дека претседателката земала неплатени денови одмор за ова лично задоволство. „Таа самата ќе си ги плати авионските билети, билетите за финалето, а воедно и нема да земе плата за деновите што ги мина во Русија“ – објавија хрватските медиуми.

Прашање е колку се веродостојни овие информации, особено делот околу билетите, со оглед на фактот дека Колинда како претседателка на држава е специјално поканета финалето да го гледа во ВИП-ложата каде билети секако не можат да се купат.

„Ќе бидам во ложата, а таму не се чувствувам секогаш најпријатно. Причина е што некогаш за време на натпреварите ми се случува да се однесувам непримерно за стандардите на ВИП-ложата“ – истакнува хрватската претседателка.

Само за потсетување, Колинда Грабар – Китаровиќ го прослави водечкиот погодок против Русија „мешајќи“ пред Џани Инфантино и рускиот премиер Медведев.

Се вчитува...