Колумна Ѓорѓе Војновиќ: Реално е да дојде до промени во мак-кошарката

Долгогодишен кошаркарски репрезентативец, Ѓорѓе Војновиќ сега и како успешен менаџер во бизнис-секторот останува голем вљубеник, но и помагател во овој спорт. Секогаш отворен и искрен, без намера да навреди некого, тој го дава своето видување за актуелните состојби во мак-кошарката, од МЗТ Скопје, за аномалиите во МКФ, но и суштинскиот проблем во работата во младинските школи.

Македонскиот концепт во МЗТ беше злоупотребен

Како човек кој од близу ги следи состојбите во МЗТ, можам да кажам дека многу се веруваше во тој македонски концепт на МЗТ Скопје и мое мислење е дека одредени луѓе, поточно играчи и го злоупотребија тој македонски концепт што се воспостави во МЗТ. Тоа беше толку нагласено и толку се веруваше во него, едноставно некој си зеде преголема слобода како никој ништо да не му може. Имаше два три обиди за толку колку што може да се регулира, на крај за жал тие обиди завршија неуспешно по тренерот. Проблемот беше што недостигаше дисциплина кај играчите, што е нивна обврска, а остана неисполнета и тука новиот тренер ќе мора да под итно да реагира. Недостигаше и среќа на една-две средби и со две победи повеќе ситуацијата сигурно ќе беше сосема поинаква, исто како што ќе беше поинаква ако не беа поразите во македонското првенство. Целосната слика е таа, оној дел на мотивираноста, „да гризеш и да гинеш на терен“ изостанува. На крај цехот го плати Тодоров, чија верба во тој концепт беше злоупотребена. 

Ме радува нивото на игра на вечното дерби со Работнички, што повторно следиме квалитетни пресметки меѓу големите ривали, но не е само Работнички во домашното првенство, тука е и Блокотехна која сериозно се наметнува како добра екипа во лигата. За жал, се помалку клубови има во Македонија, се надевам дека овие прволигаши кои имаат проблеми нема да згаснат.

За општинските клубови и новиот Закон за Спорт…

Без разлика кој е на власт, ако клубот е општински треба да биде интерес на таа власт. Не навлегувам во политика, но повторно ќе кажам дека ако општините, без разлика на која власт припаѓале, пред неколку години, ако не ги земеа клубовите ние немаше да го имаме ниту она што го имаме денеска. Мислам дека уште некој период ќе биде потребно да се застане на здрави нозе и додека Законот за донации во спортот не профункционира во полн ек. Ова е добар почеток, одличен прв чекор, да видиме како тој закон ќе се применува на дело, ќе се учиме „во од“, и стопанството и државата, мислам дека тој закон може да оди уште понапред и спортот да има уште поголем бенефит.

Федерацијата постои за кошарката, а не обратно

Прво, незадоволството од работата на МКФ произлегува од катастрофалните резултати. Кога имаш резултат, каква и да е федерацијата победите ќе го покријат тоа. Кога немаш резултат, излегуваат сите оние неправилности на површина. 

Дали треба да има промени? Не е важно дали ќе се случат и кога ќе се случат. Ние имавме една промена што беше најавувана на подобро, а ни се случи обратното, па работите тргнаа на полошо. Се создаде негативна атмосфера околу федерација, со промена на селектор непосредно пред ЕП, потоа и именување на селектор за кој речиси никој во државата, па и јас кој сум над 20 години во кошарката, немам слушнато за тој Раца. Смената на генерациите сигурно си го направи своето, влегувањето во конфликт со легендите придонесе исто така да се креира уште поголема негативност околу целата федерација. Нормално, следствено на тоа падна и атмосферата, како и интересот за кошаркарската репрезентација.

Реално е да дојде до промени, но она што треба да го сфати федерацијата е дека таа е тука за кошарката во Македонија, а не дека кошарката се игра за луѓето од федерацијата. Ако МКФ смета на иднината на кошарката, таа не ги влече посакуваните конци. Јас сум сведок на лигите во младинските категории и тврдам дека тие ниту се организирани на посакуваното ниво, ниту пак можат да понудат некаков си квалитет.

Младинската кошарка – сериозен проблем

Тренерскиот кадар во младинските школи останува на многу ниско ниво, што е суштински проблем. Во Србија има правило дека со младите работат најквалитетните тренери, а не некој што се учи со децата. Мега е еден исклучителен проект во кој врвни тренери работат со млади играчи, еден Вукоичиќ е посветен на креирање на нови кошаркари и добро го прави тоа. Кај нас голем број од тренерите се само „бројачи на деца“ и на пари од членарини, што сигурно не треба да биде така, но тоа е одраз на целокупната ситуација во кошарката. Факт е дека целиот систем е погрешен, не можете ниту да очекувате врвен тренер во младинските школи бидејќи примањата се такви какви што се, а финансискиот аспект речиси секогаш преовладува. Јас би направил врвните тренери да добиваат високи примања и кога работат во младинските школи, не само со првата екипа, селекциите нормално да бидат бесплатни, а тренерите да добијат и дополнителен бонус за „направен играч“ што потоа би направил трансфер. 

Сега гледам дека за селектори ќе се примаат тренери со виша или со средна школа. Не знам како не разбираат, кошарката отиде премногу напред и стана наука, за да некој со несоодветно образование, а уште помалку или никакво играчко искуство работи со млада репрезентација. Кај многу мал број на тренери од младинските категории постои желба за напредок преку учење и личен развој, посета на семинари, соработка со поискусни тренери или играчи. Тие едноставно знаат се. Имавме парадокс да по завршување на показен тренинг на Јанко Луковски ги чуеме коментарите од тренерите во младински категории “па ова ние го знаеме, ова се основни работи, да не беше задолжително немаше да дојдам, итн.” Можеби е точно, елементите во кошарката се тие. Од друга страна не го гледаат пристапот кон тренингот, методиката на обучување, инсистирање на правилна изведба на елементите. Поставуваат напади “пасинг гејм”, а не ги научиле децата правилно да додаваат. Бора Џаковиќ беше еден месец во Скопје и држеше бесплатни индивидуални тренинзи. Освен првите денови, на тренинзите доаѓаа само еден до двајца тренери. 

За жал, оној кој носи најмногу деца во репрезентација, потоа е ставан во стручни совети, ги формира младинските лиги на начин што на нив им одговара, а се со цел да имаат што повеќе свои шампионски генерации и со тоа да прикажуваат дека клубот им е најдобар. Повторно преовладуваат некакви си лични интереси, отколку желба за вистински развој на кошарката. За жал, ние и по толку години имаме исти муабети дека некое дете ако сака да стигне до репрезентација треба да дојде во клубот од каде што е селекторот. Тоа е некоректно кон децата, а најнекоректно кон кошарката.

Се вчитува...