„Комитите“ продадоа 33.381 билети за спас на Вардар: Црвено-црните ќе живеат, затоа што народот го сака тоа!

Најверната вардарова навивачка група „Комитите“ на прес-конференција денеска со отчет за акцијата „Купи билет за спас на Вардар“ која ги сруши сите можни рекорди кога е во прашање македонскиот фудбал за продадени билети за натпревар од домашните шампионати.

На прес-конференција на која беа присутни и шефот на стручниот штаб на Вардар, Никола Илиевски – Џиџи, капитенот Дејан Блажевски како и дел од вардаровите фудбалери, уште еднаш беше истакната определбата на сите присутни за опстојување на ФК Вардар иако оваа пролет се наоѓа во повеќе од очајна ситуација. Пресудно за тоа ќе биде да се избори опстанок во Првата македонска фудбалска лига.

Акцијата на Вардар заврши со продадени 33.381 билети, со што се собрани 3.338.100 денари, или повеќе од 50.000 евра кои ќе бидат искористени за плати на фудбалерите.

„Благодарни сме на сите кои ја поддржаа нашата акција. Градски стадион е распродаден. Сеопфатен подвиг и акција која беше поддржана од народот. Организирана беше од нас, а беше продаден 33.381 билет и со тоа е урнат секој рекорд на спортски натпревари. Вардар ќе живее иако тоа некој не го посакува. Ќе живее бидејќи го има народот зад себе. Иако шансите за било каков подвиг се сведени на минимум, ние веруваме во нив. Во овој случај успех е опстанок. Верувам дека ќе успееме во тоа“ – истакна предводникот на акцијата на „Комитите“, Милорад Миленковски, еден од најзаслужните за опстојувањето на Вардар низ овие бурни времиња.

На средбата со медиумите зборуваше и шефот на стручниот штаб, Никола Илиевски – Џиџи кој искажа благодарност за акцијата на Комитите, но и за сите фудбалери кои во моментов даваат максимум Вардар и резултатски да се одржува во Првата лига.

„Голема благодарност до организаторите и на сите кои помогнаа со купување на билети. Покажаа дека Вардар за нив е љубов, Вардар е се. Сакам да се заблагодарам на целиот стручен тим и сите фудбалери, бидејќи без нив состојбата ќе беше уште полоша. Се надевам дека треба да се надминат проблемите заедно со градот и државата и мотивирани од тоа што го направија Комити очекувам на најдобар можен начин да се овозможи минимална работа на овие фудбалери кои даваат максимум. На теренот не бевме екипа со која можеа да се поигруваат другите екипи кои многу се засилија. Ова е шанса за младите фудбалери да покажат на теренот дека вредат. Благодарам уште еднаш на сите кои најдоа начин и сили да ги поддржат овие млади играчи и со тоа да го продолжат животот на Вардар“ – истакна Илиевски.

Еднакво е размислувањето и на членот на стручниот штаб, Бобан Грнчаров.

„Да бидеме искрени, без Комитите Вардар веројатно немаше да игра и немаше да постои. Затоа мора да искажеме голема благодарност до нив“ – истакна поранешниот капитен на „црвено-црните“.

Се вчитува...