Конечна разврска: Дванаесет желби за последните три билети за ЕВРО 2024

Се е подготвено за конечната разврска во поделбата за билетите за претстојниот европски шампионат што летово ќе се одржи во Германија. Баражите ќе се играат меѓу селекциите кои беа најдобри во своите дивизии во Лигата на Нации меѓу оние кои не стигнаа до билет за ЕВРО 2024 преку регуларните квалификации, па така пресметките се поделени во А, Б и Ц групи, при што полуфиналните пресметки ќе се играат вечерва, а финалните дуели се закажани за вторник.

Пласманот на големото натпреварување е најголема можна награда за овие селекции, но успех ќе значи и сериозен финансиски плус ако се знае дека трите победници ќе добијат и фантастична премија од УЕФА, во висина од по 9,25 милиони евра.

Како дел од А дивизијата, Полска е апсолутен фаворит на дуелот со Естонија, додека неизвесно се очекува да биде на пресметката меѓу Велс и Финска.

Украинците барем на хартија важат за главни фаворити во Б-дивизијата, но оваа селекција најпрвин ќе мора да слави на гостувањето во БиХ ако сака да го продолжи својот сон за ЕВРО 2024. Победникот од овој дуел во финалето во вторник ќе биде домаќин на подобриот од второто полуфинале меѓу Израел и Исланд.

Грузија пред три години не успеа да стигне до ЕВРО 2020 губејќи го клучниот бараж од Македонија, но Грузијците сега имаат нова шанса, како дел од Ц-дивизијата. Во полуфиналето тие денеска ќе го пречекаат Луксембург, а во случај на победа во големото финале ќе бидат домаќини на подобриот од вечерашната пресметка меѓу Грција – Казахстан.

ПЛЕЈОФ А: Велс – Финска, Полска – Естонија.

ПЛЕЈОФ Б: БиХ – Украина, Израел – Исланд.

ПЛЕЈОФ Ц: Грузија – Луксембург, Грција – Казахстан.

Се вчитува...