Фудбалерите на Стразбур направија подвиг пласирајќи се во полуфиналето од Конференциската лига на УЕФА иако во вечерашниот реванш од чевртфиналето против Мајнц влегоа со негатива од 2-0. Францускиот тим одигра перфектен дуел, веќе по првите 45 минути ја анулираше негативата, до крајот постигна уште два гола и со убедливи 4-0 го визираше својот пласман во следната рунда.
Стразбур за противник во полуфиналето ќе го има Рајо Валјекано откако шпанскиот тим се најде во Топ 4 и покрај поразот од 3-1 од АЕК. Рајо имаше 3-0 од првиот дуел во Шпанија, грчкиот тим се врати и поведе со идентични 3-0, но херој на поранешниот тим на Столе Димитриевски беше Палазон, кој го постигна голот за 3-1 што ја одведе неговата екипа во следната рунда.
Фиорентина славеше со 2-1 на реваншот со Кристал Палас, но англискиот премиерлигаш оди во полуфиналето благодарение на победата од 3-0 на првиот дуел во Лондон. Сар донесе водство на Палас и на реваншот во Фиренца, „виолетовите“ го свртеа резултатот во своја полза со погодоците на Гудмундсон и на Ндур, што сепак беше недоволно за целосен камбек во овој дуел.
Следен ривал на Кристал Палас во полуфиналето ќе биде Шахтјор, кој во четвртфиналниот двомеч беше подобар од АЗ Алкмар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
