Конте го има скудетото „во џеб“, сега го напаѓа рекордот на Манчини

Антонио Конте го предводи Интер до ново скудето, прво по пауза од десет години. „Нероаѕурите“ синоќа славеа над Сасуоло со 2-1, со што сега имаат дури десет бода предност во однос на второпласираниот Милан. Со оглед на моментната форма, единствената дилема не е дали, туку кога Интер ќе ја прослави шампионската титула, а Конте веќе е насочен кон други цели за својот тим – да се обиде да ја стигне серијата на Роберто Манчини за најмногу победи во низа во историјата на италијанскиот фудбал.

Станува збор за сезоната 2006/2007, кога Интер под водство на Манчини славеше на 17 натпревари во серија, апсолутен рекорд во Калчо-лигата. „Нероаѕурите“ ја завршија таа сезона убедливо први, со 97 освоени бода и само еден претрпен пораз.

На второ место на оваа ранг-листа се наоѓа Масимилијано Алегри, кој со Јувентус во сезоната 2015/16 забележа 15 победи во низа, а третопласиран е Маурицио Сари, со 13-те победи, на крајот од сезоната 2016/17 и почетокот на шампионатот 2017/18.

Интересно, десетте победи во серија не се најдобар скор во тренерската кариера на Конте, кој како стратег на Јуве имаше дванаесет триумфи во низа во сезоната 2013/14.

Се вчитува...