Конте се премисли – Ериксен останува во Интер

Интер два месеци бара купец за Кристијан Ериксен, но „нероаѕурите“ не успеваат да се ослободат од данскиот плејмејкер кој минатиот јануари пристигна како големо засилување од Тотенхем. Сепак, судбината на Ериксен во Милано би можела да се промени откако тој го постигна голот за победа на синоќешното градско дерби со Милан, по што и тренерот Конте сега тврди дека планира да го задржи данскиот плејмејкер на „Џузепе Меаца“.

Конте долго време го критикуваше Ериксен за невклопување во неговите тактички замисли, но по последниот развој на настаните сега тренерот планира да го задржи данскиот репрезентативец во тимот.

„Работиме со Ериксен на тактички план, тој да биде алтернатива за Брозовиќ бидејќи немаме друг таков играч во тимот. Кристијан е паметно момче, поседува врвни квалитети, а сега е и пресреќен бидејќи го постигна победничкиот гол. Сите сме среќни поради него, бидејќи е многу срамежлив како човек, се надевам дека овој гол ќе му ја врати самодовербата“, истакна Конте.

Стратегот на „нероаѕурите“ не го криеше задоволството по големиот триумф над Милан со кој беше обезбеден пласман во полуфиналето од Купот на Италија.

„Не беше лесно бидејќи игравме против силен ривал, екипата што моментно е лидер во Калчо-лигата. Бевме подобри и пред црвениот картон на Ибрахимовиќ, создадовме толку многу шанси, ќе беше нефер доколку не победевме“, изјави тренерот на Интер.

Се вчитува...