Копенхаген лани беше страшен, но ги продаде тројцата најдобри за 11 милиони евра

Фудбалерите на Вардар во случај на елиминација на Малме ќе се сретнат со подобриот од двомечот Копенхаген – Жилина, на кој Данците се на чекор до следната рунда откако славеа на првиот дуел во Словачка со 1-3.

ФЦ Копенхаген е тимот што доминира на данската фудбалска сцена во последните десетина години. Оваа екипа беше особено импресивна минатата сезона, кога не претрпе ниту еден единствен пораз. Данскиот првак предводен од тренерот Солбакен во голем стил стигна до титулата, на 26 натпревари бележејќи 19 победи и седум реми. Копенхаген имаше и импресивна гол-разлика од 57 постигнати и само десет примени гола, во просек примајќи по 0,38 гола по натпревар.

Противникот делуваше навистина моќно досега, но мора да се истакне дека Копенхаген летово продаде тројца клучни фудбалери. Дефанзивецот Матијас Јоргенсен се пресели во Хадерсфилд за три милиони евра, напаѓачот Корнелиус ја засили Аталанта за 3,5 милиони евра, додека левиот бек Лудвиг Аугустинсон кариерата ја продолжува во Вердер за 4,5 милиони евра. Данскиот шампион само од овие тројца фудбалери заработи 11 милиони евра, а во меѓувреме ги купи левиот бек Пјер Бенгтсон од Мајнц за еден милион евра, централниот дефанзивец Михаел Лифтнер од Славија Прага за 1,5 милиони евра и напаѓачот на АПОЕЛ Никозија, Пјеро Сотириу, чиј трансфер изнесуваше 2,5 милиони евра.

Главен адут на Копенхаген во новата сезона се очекува да биде српскиот голгетер Андрија Павловиќ, кој постигна хет-трик на првиот дуел со Жилина и ќе функционира во тандем со Сотириу, кој минатата сезона на Кипар постигна 26 погодоци за АПОЕЛ во сите натпреварувања.

Дел од ФЦ Копенхаген е и несудениот македонски репрезентативец Урош Матиќ, кој откако не доби зелено светло од ФИФА за настап за нашата селекција, во меѓувреме дебитираше за српскиот национален тим.

Се вчитува...