Корона-хаос во Рајо Валјекано: Седумнаесет позитивни, Столе Димитриевски не тренира со екипата

Коронавирусот создава огромни проблеми во фудбалска Шпанија, а најнов клуб што е сериозно погоден од Covid-19 е Рајо Валјекано на нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски.

Шпанските медиуми информираат дека Рајо е новото „жариште“ во Ла Лига, откако дури 17 членови на клубот (фудбалери и членови на стручниот штаб) биле позитивни на последното тестирање.

Нивните имиња не се обелоденуваат во јавноста, но денеска на тренингот на Рајо се појавиле само осум сениорски фудбалери, и тоа Марио, Андрес Мартин, Комесана, Валентин, Иси, Балиу, Кевин и Арболеда.

Столе Димитриевски не бил дел од утринскиот тренинг во својот клуб, а засега нема конкретна информација дали македонскиот голман е меѓу позитивните, или не тренирал поради контакт со заразено лице.

Едно е јасно, Рајо поради оваа новонастаната ситуација ќе побара одложување на првиот меч од 2022 година, на гостински терен против Атлетико Мадрид закажан за 2 јануари.

Се вчитува...