Кошарка се игра 40 минути: Лошо второ полувреме за пораз на Македонија во Киев

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и вториот пораз во квалификациите за Светското првенство 2023 откако на гостувањето кај Украина загуби со 78-61. Избраниците на Бајиќ одиграа одлично прво полувреме во кое го лимитираа домаќинот во скок играта и играта во рекетот, а во наша полза беше и лошата реализација на домаќините за три поени, но работите се променија во вторите 20. минути во кои Украинците ја користеа висината во нападот, а пропустите во одбраната ги казнија со реализација зад линијата 6,75.

Македонија го отвори натпреварот со поените на Мекиќ и Симиќ за водство од 0-5, но „црвено-жолтите“ не успеаја и да го наметнат своето темпо, а тоа го искористи Украина која одговори во нашиот рекет и брзо стигна до изендачување. Играта „два на два“ не беше во наша полза па тешко стигавме до изградени напади, но во полза на нашата репрезентација беше лошата реализација на домаќините зад линијата 6,75. Во изедначената прва четвртина завршницата ни припаднаа нам кога благодарение на поените од втора шанса стигнаме и до највисоката предност од 11-17, но по тројката на Липови моравме да се задоволиме со 14-17 по 10. минути игра. Агресивната одбрана на Македонија брзо го исполни бонусот, но Украинците не успеаја да ја искористат предноста во право светло. На спротивната страна „црвено-жолтите“ влегоа во ритам со шутот од далечина. Погодија Крстевски и Стојановски, а со положувањето на Мекиќ стигнавме и до највисоката предност од +8 (23-31). Но, и покрај тоа што истата можеше да биде и двоцифрена, не ја искористивме шансата, а следеше одговор на Украина која заигра далеку подобро во нападот и ја намали негативата на 30-34 на полувремето.

На самото отварање во второто полувреме Украинците успеаја и да го променат темпото на мечот. Домаќините најдоа решение во нашиот рекет преку центарот Пустови, а „собирањето“ во рекетот кое следеше подоцна го искористија Петров и Лукашов со отворени обиди за три поени со кои Украина стигна до 41-37. Тајм-аутот на Бајиќ вроди плод па „црвено-жолтите“ на момент најдоа решение во рекетот на противникот, но агресиванта одбрана над нашата бековска линија донесе проблеми во организација на играта. Нашите напади често беа безидејни и решавани со обиди во последните секунди, а еден од тие беше и тројката на Стојановски со која ја вративме негативата од еден напад (49-47) пред одлучувачката четвртина. Во неа Украинците влегоа расположени во шутот за два и три поени, а Македонија продолжи да се мачи во нападот. Надвор од рекетот стрелаа Липови и Лукашов, Сидоров направи проблеми во „пик играта“ па Украинците стигнаа и до предност од 67-54 по што следеше рутинска игра за комотна победа.

Предводник на Македонија со 14 поени и 4 скока беше Бојан Крстевски, 12 поени и 9 скока додаде Џејкоб Вајли, додека како двоцифрен со 10 поени мечот го заврши и Адем Мекиќ. Артем Пустови ги предводеше гостите со 18 поени и 5 скока, додека него го следеа Лукашов и Сидоров со по 13 поени.

Се вчитува...