Кошаркарски репрезентативец на Македонија повреден во тепачка крај ски-лифтот во Маврово

Кошаркарскиот репрезентативец на Македонија, Стојан Ѓуроски, се здобил со повреда на раката при тепачката што се случила крај ски-лифтот во Маврово, во која нашиот кошаркар, неговиот брат и пријатели биле нападнати од група од Косово.

Како што јавува порталот ММС, на инцидентот претходела караница поради користењето на лифтот преку ред, по што групата од Косово тргнала да се пресмета физички со македонската група.

„Тепачката се случила вчера околу 14 часот, по што неколку часа подоцна лицата од двете групи биле лишени од слобода и задржани во полициската станица Гостивар. Две лица од тепачката едното од гостиварската група, а другото од Косово се здобиле со потешки повреди и биле однесени во гостиварската болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош. Останатите шест лица инволвирани во инцидентот се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвена соодветна пријава“, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово, за порталот ММС.

„Осум лица се приведени вчера поради тепачка на ски-терените на Бистра во Маврово. Четворица од приведените се од Косово, а другите четворица од Гостивар. Во тепачката биле користени и тврди предмети, при што двајца се потешко повредени и хоспитализирани во гостиварската Општа болница. Сите инволвирани – Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29),Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, се вели во извештајот за инцидентот.

Останува да се види колку е сериозна повредата на раката на Ѓуроски и дали кошаркарот на Пелистер ќе треба да паузира извесно време од терените.

Се вчитува...