Кошарката се буди од зимскиот сон – Гостиварци го „напаѓаат“ Аеродром

Зимската пауза на македонската кошаркарска сцена и официјално завршува денеска, со првиот натпревар од 12. прволигашко коло меѓу МЗТ Скопје и Гостивар (20.15 часот, СЦ „Јане Сандански“). Гостиварци се еден од двата тима кои успеаја да го земат скалпот на „металците“ во првиот дел од сезоната, па избраниците на Ѓорѓи Кочов желни за одмазда влегуваат во вечерашниот дуел.

„Сино-белите“ се во подобар натпреварувачки ритам бидејќи и во изминатиот месец одиграа бројни средби во АБА2 лигата, па подобро подготвени влегуваат во дуелот со Гостивар. Сепак, „металците“ се свесни дека ќе играат против ривал што никако не смее да биде потценет.

„Нема да биде лесен натпревар. Екипата на Гостивар доаѓа во полн состав, мотивирана и пред се одморена, за да нè победи и избие на првото место. Имавме малку време за да се подготвиме и да се одмориме, но нема така лесно да го дадеме домашниот терен. Ги повикувам сите навивачи да дојдат, да нè  подржат и да нè мотивираат за да останеме на врвот на табелата“ – вели Магдевски.

Гостиварци во досегашните шест гостувања во Аеродром претрпеа исто толку порази, но се надеваат дека вечерва би можеле да ја прекинат таа непријатна серија.

„Сигурно е дека МЗТ Скопје е во предност. Од проста прочина што се во натпреварувачки ритам, што практично за нив немаше пауза. Нивната предност е некој наш хендикеп со кој ќе мора да се соочиме. Не е лесно во овие денови да се организира некој контролен меч, па оттука овие 40 минути ќе бидат показател до каде сме стигнале со подготовките за овој втор дел од сезоната. Сепак, мислам дека и покрај тоа сме доволно искусна екипа, дека можеме да одговориме на овој прв предизвик во 2020 година“ – истакнува Александар Костоски, плејмејкерот на екипата на Гостивар.

Се вчитува...