Кошмар и во Скопје со Украина – Слаб почеток, будење, но на крајот – нов пораз

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и шестиот пораз во шестиот натпревар од квалификациите за СП 2023, овојпат на домашен терен од Украина со резултат 68-73. Очајниот квалификациски циклус го заокруживме со нов неуспех, па во вода паднаа солидните втора и трета четвртина, откако одигравме катастрофални први десет минути, а потоа во завршницата немавме сили да се вратиме целосно и да на крајот забележавме нов неуспех. Никаква утеха не е фактот дека за Македонија ова беше прв едноцифрен по петте убедливи порази од стартот на квалификциите, а повеќе од очигледен е вртоглавиот пад во квалитетот што го имамесо овој играчки состав, но и селектор како Бајиќ кој не знае да го извлече максимумот од оваа подмладена селекција.

Натпреварот го стартувавме катастрофално, во нападот многу често бевме без конкретна идеја, а украинските кошаркари го искористија тоа за целосно да диктираат темпо. Двете погодени тројки за рано водство од 0-6 за Украина беа најави за шутерското шоу на гостите, кои во првите десет минути погодија дури седум тројки. Војдан Стојановски беше единствениот расположен во нашиот табор во стартната четвртина, која Македонија ја загуби со убедливи 21-35.

Јасно беше дека шутот на може да ги служи гостинските кошаркари во ист ритам, тие почнаа да промашуваат, но Македонија не ја искористи можноста за посериозно да се одлепи во втората четвртина. Кога увидоа дека не им оди од далечина, гостите почнаа да го напаѓаат рекетот и умешно да реализираат, враќајќи ја удобната предност. Украина имаше најубедливи 30-47, но Андреј Јакимовски погоди две тројки, Мекиќ беше еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања, па на одмор се замина со десет поени предност на гостите (37-47).

Добрата серија од крајот на првото полувреме продолжи и на стартот од третиот период, кога одбраната беше на високо ниво, па нашите кошаркари се приближија на само три поени негатива (44-47). При резултат 46-50 не беа реализирани зицери за целосен камбек, но агресивната одбрана ја одржи Македонија во игра, па по поените на Робев за 51-54 украинскиот селектор беше принуден да побара тајмаут во 30. минута. Тоа вроди со плод за гостите, кои веднаш погодија тројка, но Николов возврати со положување на спротивната страна и во последните десет минути се влезе со предност на Украина од 53-57.

Четвртата четвртина ја стартувавмесо три промашени слободни фрлања на Јакимовски, а Украинците знаеја како да го искористат тоа и набрзина поведоа со 53-61, принудувајќи го Бајиќ на тајмаут. Македонија се врати, но во  клучните моменти Украинците имаа помош од судиите, кои не видоа очигледно положување на Ѓуроски и задоцнета блокада, а по приговорите од македонската клупа техничка грешка доби селекторот Бајиќ. Нашите кошаркари од „минус 12“ намалија на седум поени (62-69), резултат при кој Мекиќ промаши тројка од отворена позиција. Македонија не се откажа, па во следниот напад нова тројка погоди Јакимовски, за намалување на 65-69 и нов тајмаут на украинскиот селектор. При овој резултат имавме три напади за целосен камбек, но положувањето на Јакимовски заврши на обрачот,веднаш потоа непрецизни за тројка беа Војдан Стојановски и Јакимовски, по што Украинците ставија печат на победата, на крајот изразена со конечни 68-73.

Андреј Јакимовски со 17 поени и 9 скокови беше најефикасен во нашиот табор, 15 поени реализираше капитенот Стојановски, а 13 центарот Бојан Крстевски.

Следниот предизвик македонските кошаркари ќе го имаат во втората половина од месец август, кога ги очекува стартот од претквалификациите за Евробаскет 2025.

Се вчитува...