Баерн Минхен се соочува со огромни проблеми пред клучниот дел од сезоната откако беше обелоденето дека Роберт Левандовски ќе мора да паузира околу еден месец од терените по повредата заработена при настап за полската репрезентација.
Полјаците вчера го ослободија својот најдобар фудбалер од обврските поради повреда на коленото, а Баерн по деталните лекарски прегледи објави дека поради проблем со лигаментите Левандовски ќе мора да паузира најмалку четири седмици од терените.
Ова значи дека најдобриот стрелец на европскиот првак ќе го пропушти претстојното дерби на Бундес-лигата против Лајпциг, но што е уште позначајно – и двомечот од четвртфиналето во Лигата на Шампионите против ПСЖ. Флик ќе биде принуден да му даде посериозна минутажа на Чупо Мотинг, а не се исклучува ниту опцијата тренерот на Баерн да избере тактика без класичен напаѓач во тимот, со Томас Милер како „лажна деветка“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА