Кошмар за Барса – повторно се повредија двајца клучни првотимци

Чави не може да крене глава од проблеми со повредени фудбалери на Барселона од самиот старт на сезонава, а главоболките повторно се зголемија на вечерашниот дуел со Атлетик Билбао на кој двајца првотимци заработија нови повреди.

Прв мораше да биде заменет Френки де Јонг, откако холандскиот плејмејкер лошо доскокна по еден воздушен дуел. Станува збор за повреда на скочниот зглоб на десната нога, а каталонците имаат за што да стравуваат ако се знае дека Холанѓанецот поради проблем на истиот дел од ногата веќе паузираше два месеци оваа сезона.

Пред самиот крај на првото полувреме Чави беше принуден да направи нова измена, овојпат Педри беше фудбалерот кој мораше да биде заменет. Шпанскиот репрезентативец се жалеше дека не може да згазне нормално на ногата и со солзи во очите го напушти теренот, свесен дека повредата не е нималку наивна.

Минимални се шансите овие двајца фудбалери да се рехабилитираат навреме за претстојниот реванш од осминафиналето во Лигата на Шампионите против Наполи закажан за 12 март.

Се вчитува...