Шансите на Денвер нагетс за вмешување во битката за титулата во НБА сериозно се намалија откако беше обелоденето дека Џамал Мареј заработил повреда на лигаментите на коленото на дуелот со Голден Стејт. Одличниот бек мораше на носилки да биде изнесен од теренот, во Денвер се надеваа дека повредата не е премногу сериозна, но денеска пристигнаа разочарувачките вести – Мареј ги има скинато лигаментите на левото колено.
Ова преку клупско соопштение го потврди и Денвер, не наведувајќи кога би можеле повторно да го видиме овој кошаркар на терените. Едно е јасно, тој нема да може да се врати до крајот на оваа сезона, а останува да се види дали Мареј ќе може да се рехабилитира навреме за стартот на наредниот шампионат.
Мареј важи за еден од лидерите во тимот на Денвер, „десна рака“ на незаменливиот Никола Јокиќ, а јасно дека неговото отсуство ќе остави силна трага, пред се од почетокот на плејофот, каде помошта на Мареј за Јокиќ ќе беше и повеќе од добредојдена.
Џамал Мареј сезонава одигра 47 средби во дресот на нагетс, во просек постигнувајќи 21,3 поени и 4 асистенции по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА