Кошмарен почеток на „арапската ера“ на Њукасл

Ерата на раководењето на арапските газди со Њукасл почна катастрофално, откако „црно-белите“ беа декласирани од Тотенхем на домашен терен со 2-3. Новите сопственици му дадоа шанса на Стив Брус да води барем еден меч пред да донесат нов менаџер, но искусниот стратег и неговите избраници денеска целосно потфрлија, дозволувајќи му на противникот да доминира на теренот.

А дуелот почна извонредно за Њукасл, откако домаќините веќе во втората минута поведоа преку Вилсон, за еуфорија на „Сент Џејмс Парк“. Сепак, расположението набрзина се расипа, Ндомбеле со еврогол го израмни резултатот, а уште до крајот на полувремето Тотенхем постигна нови два погодоци, преку Хари Кејн и Сон.

Фијаското беше комплетирано откако Џонџо Шелви по влегувањето во 60. минута успеа да добие два жолти картони и да биде исклучен. Навивачите имаа барем мала причина за задоволство кога Дајер во 89. минута си постигна автогол, но Њукасл сепак не успеа да се врати целосно во мечот и да освои барем бод на овој натпревар.

Тотенхем о победата скокна на петтата позиција со вкупно 15 бода, додека Њукасл е претпоследен со само три бода по првите осум одиграни рунди во Премиер-лигата.

Се вчитува...