Котевски: Звучи неверојатно, но Бутел во плеј-офот ќе оди да го победи и Вардар

Екипата на Бутел е најголемото изненадување во досегашниот дел од ракометната Суперлига на Македонија. Новиот суперлигаш со одлични партии првиот дел од сезоната го заврши на третата позиција на првенствената табела, со што се пласира во плеј-офот во домашниот шампионат.

Тренерот на тимот Игор Котевски, смета дека иако немале големи очекувања пред почотекот на сезоната, тие потајно се надевале и верувале дека ќе успеат да обезбедат пласман во плеј-офот.

„Иако немавме големи очекувања, ние потајно се надевавме дека можеме да го направиме овој успех. Покажавме дека со добра работа и многу труд може да се постигнат одлични резултати“, изјави Котевски. 

Во продолжение на сезоната бутелчани ги очекуваат натпревари од плејофот во Суперлигата, во кој треба да се сретнат и со Вардар и Металург. Котевски е дециден дека иако нема да ја имаат фаворитската улога, нивниот пристап на натпреварите нема да биде за освојување на четврто или петто место, туку за освојување на прво место на табелата.

„На секој натпревар ќе одиме на победа. Колку и да звучи неверојатно ние ќе одиме да го победиме и Вардар. Не размислувам на четврто или петто место, размислувам само на првото место. Едноставно мојот пристап е таков“, дополни Котевски. 

Покрај Бутел свој настап во плеј-офот од Суперлигата обезбедија и Еурофарм Работник, Пелистер и Тинекс Пролет, како и македонските претставници во СЕХА, Вардар и Металург.

Се вчитува...