Кожув излезе како победник од битката со Тиквеш триумфирајќи во Гевгелија со резултат 90-81, трета победа на тимот на тренерот Тодоровиќ во четвртиот овосезонски натпревар. Без оглед на конечниот исход мора да се истакне дека кавадарчани одиграа квалитетен натпревар, одлично парираа до самиот крај, но квалитетот на Кожув и важните погодени тројки на домашните играчи Бојчев и Кузманов се покажаа како клучен фактор да се стигне до победата.
Првата четвртина заврши со израмнети 25-25, а Тиквеш беше за нијанса подобар во вториот период на одмор заминувајќи со 46-49. Кожув конечно заигра далеку подобра одбрана во третиот период во кој гостите постигнаа само осум поени (17-8), а во последните десет минути се играше израмнето. Домаќините имаа 81-79 на сто секунди до крајот, но Тодоровиќ и неговите пулени знаеја како да го приведат мечот до крај, триумфирајќи со „плус девет“.
Армстронг беше прв стрелец со 24 поени, Бојчев реализираше 20 поени за Кожув, а одлична улога имаше и младиот Кузманов со 10 поени, 2 асистенции и 3 украдени топки.
Најефикасни кај Тиквеш во поразот во Гевгелија беа Смит со 23 и Сјукс со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
