Кожув не ја дава Гевгелија – „црвено-белите“ го наполнија рекетот на Чаир 2030

Кожув го одбрани домашниот терен и во вториот натпревар во „26ти Април“ оваа сезона. Овој пат гевгеличани славеа со 99-83 против новалијата Чаир 2030 во натпревар во кој ја има контрола, го наполнија рекетот на противникот со 60 постигнати поени, а во полза на чаирчани не беа 16-те изгубени топки.

Кожув го диктираше темпото на отварањето на натпреварот, ги користеше изгубните топки на чаирчани па поведе со 14-6. Сепак постот на избраниците на Рамадан не траеше долго, Чаир одговори со подобра игра на двата дела од теренот па стигна и до негатива од еден напад. Но, и покрај тоа што имаше шанса за изедначување или водство, не ја искористи истата, а казната следеше во завршницата на првата четвртина кога Кожув поведе со 22-18. До крајот на првото полувреме натпреварот продолжи во висок ритам, двата тима беа расположени во нападот, а во играта на серии подобро се најдоа домаќините за предност од 52-47.

Кожув продолжи онаму каде што застана и во второто полувреме. Добрата игра под рекетот „црвено-белите“ ја користеа за лесни поени, а голем проблем за Чаир останаа изгубени топки па како одминуваа минутите така се зголемуваше и предноста на домаќините за 77-64 по 30. минути игра. Последните десет минути не донесоа промена. Кожув продолжи со добрата игра на двата дела од теренот и сосема заслужено стигна до уште една победа.

Гордон со дабл-дабл од 25 поени и 10 асистенции беше лидер на Кожув, а него го следеа Хантер со 22 поени и 7 скока и Штерјов со 17 поени и 4 скока. Мохамед беше најрасположен кај Чаир 2030 со 31 поен и 13 скока, 12 поени додаде Френклин, а 11 Михајлоски.

Се вчитува...