Дербито на второто коло, дуелот меѓу Кожув и МЗТ Скопје, му припадна на актуелниот шампион со 73:81.
Двете екипи во овој дуел влегоа по триумфите на стартот, Кожув беше подобар од Скопје (101:95), додека МЗТ Скопје го совлада Куманово (85:77) и шампионот по две кола заедно со вечниот ривал, Работнички, засега се единствени екипи со два триумфи во првите две кола. Утре ќе има можност да им се приклучи на врвот на табелата и екипата на Пелистер која игра против Струмица.
Домашниот тим одлично го започна натпреварот, поведе со 6:0, а по тројката на Бурис имаше и 9:2, а добрата игра им донесе водство по првата четвртина со 26:18.
МЗТ Скопје почна да се „буди“ во вторите десет минути кои ги доби со 16:25, а првото водство на натпреварот го имаше по тројката на Дамјан Стојановски за 40:41, додека на пауза се замина со минимални 42:43.
Во третата четвртина, шампионот го направи првиот крупен исчекор кон победата, во 27-та минута дојде до двоцифрена предност (48:58) и не ја испушти до крајот. Во финишот, Кожув се обиде да ја врати неизвесноста и по поените на Симиќ намали на 73:79, но Василевски од линијата за слободни фрлања ги реши дилемите околу победникот за конечни 73:81.
Николиќ и Маслинко со по 19 постигнати поени беа најдобри кај МЗТ Скопје, додека во редовите на Кожув се истакнаа Армстронг со 17, Бурис со 16, Крстевски со 15 и Симиќ со 14 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
