Крај на дилемите: Теодосиќ потпиша нов договор

Милош Теодосиќ ги разреши сите дилеми околу својата иднина откако денеска потпиша нов договор со екипата на Виртус Болоња. Српскиот кошаркарски генијалец беше поврзуван со заминување откако тренерот Александар Ѓорѓевиќ заработи отказ, во актуелниот договор имаше клаузула што му овозможуваше да замине во клуб што е дел од Евролигата најдоцна до 10 јули, но Теодосиќ реши да не ја искористи оваа опција.

Наместо тоа, Србинот потпиша нов двогодишен договор со Виртус Болоња, тимот што го предводеше до титула во италијанското првенство со максимални 4-0 во победи против евролигашот Олимпија Милано.

„Дојдов овде во 2019 година и реков дека сакам да победувам со Виртус, ние сега сме шампиони на Италија. Во јули 2021 година кажувам дека сакам повторно да победувам со овој клуб“, изјави Теодосиќ.

Милош Теодосиќ минатата сезона во Еврокупот имаше просек од 15,4 поени и 6,9 асистенции по натпревар, но Виртус не успеа да стигне до финалето од ова натпреварување, што ќе значеше и билет за влез во Евролигата.

Се вчитува...