Крај на кариерата за фудбалерот кој љубителите на Вардар вечно ќе го паметат (ВИДЕО)

Словачкиот интернационалец Мартин Шкртел, стоперот кој мина долги години во Ливерпул, го игра последниот меч во кариерата. Фудбалерот кој во моментов настапува во Спартак Трнава заедно со Милан Ристовски, објави дека натпреварот со Дунајска Стреда во сабота ќе му биде меч за простување од фудбалот.

Словакот ќе остане запаметен од македонската јавност, а особено од фановите на Вардар. Тој два пати гостуваше во Скопје, еднаш со репрезентацијата, и еднаш со Фенербахче. Токму на тој дуел на Фенербахче против Вардар на Националната Арена, беше поминат од Барсегјан, а Ерменецот постигна гол тогаш за водство од 1-0 за Вардар. Добро е познато дека Вардар со две победи го мина Фенербахче и го оствари најголемиот успех – пласман во групната фаза во Лигата на Европа.

Шкртел својата професионална кариера ја почна во Тренчин, а во 2004 година замина во Зенит. Во 2008 направи трансфер во Ливерпул, и таму остана се до 2016 година. Потоа три години во Фенербахче, па остана во Истанбул, но во Башакшехир, а минатата година се реши да се врати во својата земја и да го облече дресот на Спартак Трнава каде што ќе ја заврши својата кариера. За Словачка има одиграно 104 настапи и постигнато шест гола, а последен настап му беше во 2019 година.

Се вчитува...