Крај на приказната: Обамејанг не смее ни да тренира со Арсенал, следи трансфер во јануари

Пјер Емерик Обамејанг се наоѓа на излезна врата од Арсенал откако конфликтот со тренерот Микел Артета ескалираше, па доскорешниот капитен сега веќе нема дозвола ниту за тренинг со остатокот од тимот.

Артета утрово објави дека Обамејанг нема да настапи ниту на наредниот премиерлигашки меч со Лидс, за попладнево да биде обелоденето дека шпанскиот стратег му забранил на Габонецот да тренира со првотимците на „топчиите“. Тој е загрижен поради лошото влијание што Обамејанг може да го има врз остатокот од тимот, па веќе му ставил до знаење на Обамејанг дека тој нема ниту да тренира, ниту да игра со Арсенал до крајот на годинава, по што голгетерот ќе замине на настап на Купот на Африкански Нации.

Веќе е даден и налог да се почнат преговори за Обамејанг да биде продаден на самиот почеток од 2022 година, со што дефинитивно ќе биде ставен крај на авантурата на проблематичниот голгетер на „Емирати“. Барселона покажа интерес за Обамејанг, но каталонците тешко дека можат да си ја дозволат неговата плата од еден милион фунти месечно, а како опција се споменува и Челси, откако Томас Тухел изјави дека би можел повторно да соработува со голгетерот од кого го вадеше максимумот како тренер на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...