Крај на сонот за АБА1: МЗТ ја загуби мајсторката во Задар

МЗТ Скопје не успеа да ја оствари посакуваната цел, па веднаш да се врати во елитното друштво од АБА-лигата, откако македонскиот вицепрвак ја загуби мајсторката против Задар (86-75). Во ситуација кога шансата беше пропуштена минатата седмица во Скопје, „металците“ вечерва речиси цел натпревар бркаа резултат. Во финишот успеаја да стигнат и до израмнување, но немаа сили за целосен пресврт, на крајот со наведнати глави напуштајќи го теренот.

Задар го отвори мечот со брзо водство од 5-0, но МЗТ Скопје одговори со сопствена серија од девет поени, покажувајќи дека нема намера лесно да се предаде на овој натпревар. „Металците“ добро парираа се до седмата минута, за потоа во последните три и пол минути од првата четвртина да не постигнат ниту еден поен, па Задар да го заврши овој период со удобно водство од 25-18. Со поените на Литл домашниот тим веќе во 13. минута стигна до првата двоцифрена позитива, што потоа избраниците на Анте Назор ја одржуваа до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 50-40.

Проблемите станаа уште поголеми на стартот од третата четвртина, кога судиите престрого му досудија четврта лична грешка на Самарџиски, веднаш потоа покажувајќи му и техничка грешка поради приговор, па Кочов покрај повредениот Бојиќ остана без уште еден значаен адут во борбата под обрачите. Задар го искористи тоа и благодарение на одличниот Жориќ стигна до водство од „плус 12“ (55-43), но Марко Симоновски влезе во шутерски ритам, враќајќи го МЗТ во игра. Македонскиот претставник дојде на само еден поен разлика (63-62), пред Мариќ да погоди тројка со звукот на сирената, па во последната четвртина да се влезе со четири поени предност за хрватскиот тим.

Одбраната поставена од тренерот Кочов функционираше беспрекорно на почетокот од четвртата четвртина, па и покрај слабата реализација во нападот МЗТ успеа да се доближи на два поени разлика, принудувајќи го Анте Назор да побара тајмаут. Со поените на Вудард „металците“ израмнија на 68-68, но во проблеми со лични грешки влезе и Иванов (четири), па Кочов мораше да побара минута одмор за нови совети кон своите кошаркари, при 74-70 на помалку од четири минути до крајот. Веднаш по тајмаутот Назор повторно се реши со тактиката од Скопје, Дашиќ тргна агресивно на Медфорд и го принуди плејмејкерот на МЗТ на наивно загубена топка. Нападот на македонскиот претставник повторно беше далеку од посакуваното ниво, а искусниот тим на Задар знаеше како да го искористи тоа и на крајот триумфираше со конечни 86-75.

Иванов оствари дабл-дабл од 22 поени и 11 скокови, Медфорд исто така постигна 22 поени, додека Симоновски го заврши мечот со 11 поени. Во таборот на Задар незапирлив беше центарот Лука Жориќ, кој ја заврши оваа мајсторка со 29 поени, 10 скокови и две блокади.

Се вчитува...