КРАЈ ЗА РОНАЛДО!? „Ти благодариме за се! Сега е време да си одиш!“

По разочарувачкиот нерешен резултат со Конго на отворањето на Светското првенство, во Португалија расте стравот од внатрешен раскол што би можел да ја потресе репрезентацијата уште на стартот од натпреварувањето.

Во центарот на јавната дебата е секако прашањето за Кристијано Роналдо во почетниот состав, а мислењата се остро поделени. Додека некои веруваат дека тренерот Роберто Мартинез не требало да му дава целосни минути на напаѓачот на Ал Наср, други бараат почит кон најголемата легенда на португалскиот фудбал, па дури и ги обвинуваат неговите соиграчи за бојкот.

Веднаш по натпреварот против Конго, социјалните мрежи на некои португалски репрезентативци беа преплавени со навреди и пораки со кои се бара почит кон Кристијано.

Бруно Фернандеш, Витиња, Жоао Невес и Педро Нето се само дел од играчите чии профили на Инстаграм се преполни со коментари и обвинувања дека го потценуваат Роналдо и му завидуваат на неговиот успех.

„Тоа ја покажува опасноста од „внатрешна војна“ што би можела да избувне во рамките на репрезентацијата. На секоја критика упатена кон Кристијано Роналдо се реагира, што создава огромна поларизација“, рече Витор Пинто, заменик-директор на спортскиот весник „Рекорд“.

Бојкот од соиграчите!?

Особено беше нападнат Жоао Невес, на кого му се припишува изјавата дека сите ги почитуваат достигнувањата на Роналдо, но дека тој сега е „само уште еден играч во тимот“.

Критичарите го обвинуваат што не му ја подаде топката на Кристијан за време на натпреварот, а истото обвинување за наводен бојкот беше упатено и кон неколку други играчи.

„Да биде јасно веднаш, не верувам дека имало бојкот на Кристијано Роналдо. Повторувам, немало организиран бојкот во рамките на националниот тим. Сепак, вистината е дека Португалија не успеа да се поврзе со својот централен напаѓач, ниту пак имаше стратегија во која тој би создал простор за другите играчи да влезат во можности и да шутираат“, анализираше Пинто.

Роналдо повеќе не е недопирлив

Гласините околу ликот на Кристијано Роналдо не се нови во Португалија, но некои од критиките изразени во последните денови беа незамисливи.

Нуно Сараива, колумнист за весникот „А Бола“, објави статија со наслов „Ти благодарам за сè, Кристијано. Сега е време да си заминеш!“, во која повикува на нова страница во националниот тим и тврди дека напаѓачот на Ал Наср го изгубил статусот на главна референца во националниот тим.

Целокупната клима на тензии и сомнеж е нешто што селекторот Роберто Мартинез ќе треба итно да го анализира и реши пред судирот во вторник со Узбекистан.

Уште еден неуспех би можел сериозно да ја загрози иднината на Португалија на Светското првенство.

Се вчитува...