„Кралевите“ владеат во Мадрид: Бензема ги казни промашувањата на Атлетико

Реал Мадрид нема намера да го препушти врвот на табелата во „Ла Лига“, откако „кралевите“ со денешниот триумф над Атлетико Мадрид се зацврстија на првото место во шпанскиот шампионат. Три од последните четири дуели меѓу овие два тима завршија 0-0, но серијата да не продолжи се погрижи Карим Бензема, кој го постигна единствениот погодок, прекинувајќи го својот голгетерски пост од месец и половина без постигнат погодок за Реал.

Атлетико има за што да жали ако се земат во предвид шансите што гостите ги промашија во првото полувреме. Витоло и Кореа не реализираа стопроцентни ситуации за гол, по што ситуацијата дополнително се промени во вториот дел. По повредата на Мората гостинскиот состав остана без класичен напаѓач, многу потешко го наоѓаше патот до противничкиот шеснаесетник, додека на спротивната страна Реал ја реализираше една од ретките шанси што ги создаде.

Менди, кој доби шанса пред Марсело како стартен лев бек, одлично уфрли во срцето на шеснаесетникот, а таму Бензема со силен и прецизен удар го матираше Јан Облак.

„Кралевите“ со денешната победа имаат 49 бода, дури тринаесет повеќе од Атлетико и „плус шест“ во однос на Барселона, која утре ќе го игра својот меч од ова коло.

Се вчитува...