„Кралот“ Џејмс го одведе Кливленд во ново НБА финале

Четврта година по ред, екипата на Кливленд ќе биде дел од НБА финалето откако славеше со 87-79 во седмиот натпревар од финалната серија во источната конференција и го доби Бостон со вкупни 4-3.

Најзаслужен за успехот се разбира беше Леброн Џејмс. Тој имаше неверојатна партија во мајсторката, ги одигра си 48 минути, постигна 35 поени, имаше и 15 скока и 9 асистенции. За „кралот“ ова ќе биде осмо последовно НБА финале. Во него ќе се бори за четвртиот шампионски прстен, втор со „Кавалирс“.

Во отсутво на Кевин Лав, силна поддршака за Џејмс во решавачкиот меч беше Џеф Грин кој постигна 19 поен, а имаше и осум скока и ја погоди веројатно клучната тројка со која Кливленд го одби последниот налет на „Селтикс“.

Кај Бостон, за кого ова беше прв пораз на домашен терен во плеј-офот сезонава, највпечатливо издание имаше Џејсон Тејтум со 24 поени и седум скока. Ал Харфорд запиша 17 поени, а Маркус Морис 14.


За противник во финалето, Кливленд го чека подобриот од западната пресметка меѓу Голден Стејт и Хјустон во која исто така ќе решава „мајсторка“. Седмиот дуел на западот е закажан за претстојанва ноќ по македонско време.

Се вчитува...