„Кралска победа“ на Жалгирис во Мадрид

Кошаркарите на Жалгирис Каунас стигнаа до посакувана победа на гостувањето против Реал Мадрид од 86-93, со која остануваат во игра за пласман во плеј-офот од Евролигата во очекување на утрешните четири последни натпревари од регуларниот дел на сезоната.

Уште во првото полувреме Литванците отворено демонстрираа определба за победа на натпреварот преку која ќе останат во игра за место во плеј-офот од Евролигата. Имаше Жалгирис предност од девет поени на полувремето, но во вториот дел Реал со поцврста одбрана ја анулира предноста.

Во неизвесна завршница на крајот Жалгирис успеа да ја зачува предноста и да дојде до триумф од 86-93.

Панатинаикос претходно убедливо со 87-67 славеше против Будуќност и си го обезбеди со сигурност пласманот во плеј-оф завршницата од битката за титула во Евролигата.

Жалгирис сега, пак, ќе ги очекува утрешните натпревари на Олимпијакос и Макаби Тел Авив во надеж дека ќе го задржи осмото место по регуларниот дел од сезоната кое води во четвртфиналните разигрувања.

Се вчитува...