Крос: Добро се држев, но една работа ме „скрши“

Тони Крос го одигра својот последен натпревар на „Сантијаго Бернабеу“, а навивачите и соиграчите од Реал Мадрид се погрижија тоа да биде ноќ за паметење на германскиот фудбалски генијалец.

Во првата изјава по мечот тој се осврна на случувањата на теренот и на трибините, но и ја откри својата последна желба пред дефинитивното пензионирање од Реал Мадрид.

„Можам само да им се заблагодарам на навивачите на Реал, на сите во клубот, на соиграчите, стадионот… Во овие десет години секогаш се чувствував како дома. Кога знаеш дека ти е последен меч чувството е поинакво, јас само сакав да уживам на теренот најмногу што можам. А тогаш дојде 85. минута и измената. Мислам дека добро се држев, но една работа ме „скрши“. Погледнав пред клупата резерви и таму ме чекаат моите деца, тој момент „ќе ме убиеше“, тоа ќе го паметам додека сум жив. Вчерашниот ден беше за мене, од денеска забораваме се и фокусот се врти кон финалето од Лигата на Шампионите. Нема сомнеж, најдобар начин да си заминам е со 15. титула од Лигата на Шампионите“, изјави Крос.

Се вчитува...