„Кругот“ се затвора: Буфон се враќа дома за да ја заврши кариерата

Џанлуиџи Буфон е решен да ја продолжи кариерата за уште најмалку една година, но се чини дека тоа нема да биде како член на Јувентус. Управата на „старата дама“ ги почнала преговорите со ветеранот давајќи му понуда да стане директор во Јувентус, јасно ставајќи му до знаење дека на неговите услуги како голман нема повеќе да се смета од наредната сезона.

Долгогодишниот италијански репрезентативец неодамна најави дека е подготвен да настапува уште извесно време, а најреална опција во моментов е негово враќање во Парма. Станува збор за клубот што ја лансираше блескавата кариера на Буфон, тим од каде извонредниот голман сe пресели во 2001 година во Јувентус, а сега 20 години подоцна би можел да се врати назад.

Буфон беше поврзуван со Парма и пред две години, но ветеранот тогаш ги разочара навивачите на овој клуб избирајќи ја понудата на ПСЖ, тим каде што остана една година пред да се врати во Јуве. Сепак, италијанските медиуми најавуваат дека шансите за негов камбек во Парма сега се огромни бидејќи финансиските побарувања секако му се минимални, а искусниот Буфон е решен да му помогне на својот поранешен клуб дури и доколку Парма испадне од Серија А.

Се вчитува...