Кукоч: Жељко во НБА? Не знам дали Американците би го истрпеле…

Тони Кукоч беше специјален гостин на синоќешниот дуел меѓу Партизан и Олимпијакос, а хрватската кошаркарска легенда при пристигнувањето во салата беше со аплаузи поздравена од многубројните српски навивачи.

Кукоч имаше само пофални зборови за тренерот Жељко Обрадовиќ, не криејќи го разочарувањето што Партизан не успеа да слави во овој натпревар.

„Не е тајна дека Жељко е можеби и најдобриот кошаркарски тренер, особено во последните 20 години. Ја знае кошарката во мал прст, тоа беше случај и кога беше плејмејкер во репрезентацијата. Уште тогаш, имаше бројни квалитетни кошаркари кои само играа, но Обрадовиќ уште тогаш се интересираше и за тренерската работа. Жал ми е што не славеа вечерва. Последните средби кои ги гледав беа оние ланските од плејофот со Реал Мадрид. Повторно им се случи истата работа, глупаво е да кажам деканемаат знаење, но дефинитивно како да им недостига искуство да завршат добиени натпревари. Искусните знаат дека вакви мечеви се завршуваат налинијата за слободни фрлања, на исцрпување на противничката одбрана. Не може да ти се случуваат невозможни додавања или губење на топки на дриблинг, тоа е недозволиво“, изјави Кукоч.

Потоа, следеше интересно прашање за Хрватот, дали Жељко Обрадовиќ би се снашол добро во НБА-лигата.

„Јас не се сомневам дека Жељко би успеал и во НБА. Ако говориме за кошаркарското знаење, сигурно би успеал. Но ако се земе во предвид неговиот начин на комуникација, не знам дали Американците би го истрпеле тоа. Кошаркарите денеска се малку размазени, тоа е мое мислење, колку повеќе пари имаат, толку помалку им се игра кошарка“, прокоментира Тони Кукоч.

Се вчитува...