Кулибали е предалеку од „Енфилд Роуд“

Калиду Кулибали останува голема желба на Јирген Клоп, но управата на Ливерпул се наоѓа пред невозможна мисија, да го договори овој трансфер со претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис.

Сенегалскиот дефанзивец важи за еден од најдобрите одбранбени фудбалери во светот, а Клоп сака тој да игра рамо до рамо со Ван Дајк, за формирање на непробоен бедем пред голманот Алисон Бекер. Ливерпул подготви 60 милиони евра за да ја исполни желбата на Клоп, но понудата беше експресно одбиена со порака – Кулибали не е достапен за помалку од 100 милиони евра.

Разликата од 40 милиони е преголема за да биде надмината, особено ако се знае дека Ливерпул нема намера да го плати Кулибали повеќе отколку што тоа беше случај со трансферот на Ван Дајк од Саутемптон. Од друга страна, Де Лаурентис е познат како претседател со кого многу тешко се преговара, тој веќе јасно стави до знаење дека нема намера да ја намали сумата што ја бара за најдобриот дефанзивец, па како што стојат работите Кулибали ќе остане во Неапол бидејќи 100 милиони евра за негов трансфер не даваат ниту Манчестер Јунајтед, ПСЖ и Реал Мадрид, клубови што во изминатиот период исто така беа поврзувани со ангажман на Кулибали.

Се вчитува...