Кумановки потклекнаа, елиминација од Славија Прага

Ракометарките на Куманово не успеаја да ја минат првата пречка во рамките од ЕХФ-купот, откако освојувачките на Купот на Македонија го загубија денешниот реванш дуел со Славија Прага со резултат 31-24. Разочарувањето во таборот на кумановки со право е големо ако се знае дека тие двете средби ги играа на домашен терен, а вчера на првиот натпревар славеа со 27-23.

И кога денеска требаше само да се стави печат на пласманот во второто коло, македонскиот претставник одигра далеку под своите можности и беше шокиран од чешкиот ривал. Првото полувреме заврши со минимално водство на Славија од 14-13, а Куманово имаше активен резултат се до девет минути до крајот, кога со голот на Трајковиќ намали на 27-24. Сепак, нервозата во самиот финиш беше преголема, кумановки не постигнаа ниту еден гол до крајот на натпреварот и со наведнати глави го напуштија теренот.

Гичевска и Јанкуловска постигнаа по осум гола за македонскиот претставник, што сепак се покажа недоволно за да се стигне до следната рунда од ова европско натпреварување.

Се вчитува...